2 Chronicles 13
1 Во осумнаесеттата година од царувањето на Јеровоам над Јуда стана цар Авија;
2 тој царуваше три години во Ерусалим; мајка му се викаше Михаја, ќерка Уриилова, од Гива. И Авија водеше војна со Јеровоам.
3 Авија поведе во војна војска од храбри луѓе, четиристотини илјади одбрани мажи, а Јеровоам излезе против него во бој со осумстотини илјади мажи, исто така одбрани јунаци.
4 И застана Авија на врвот од планината Цемараим, една од Ефремовите гори, и рече: „Чујте ме, Јеровоаме и сите Израелци!
5 Не знаете ли дека Господ, Бог Израелов, му го даде на Давид царството над Израел засекогаш, нему и на синовите негови, според заветот вечен.“
6 Но се крена Јеровоам, синот Наватов, слуга на Давидовиот син Соломон, и се побуни против господарот свој.
7 И се собраа околу него луѓе долни, развратници и станаа против Ровоам, синот Соломонов; а Ровоам беше млад и со слабо срце, и не издржа против нив.
8 А сега вие мислите дека можете да застанете против царството Господово, кое е во рацете на Давидовите синови, зашто вас ве има многу и затоа што имате златни телиња, што ви ги направи Јеровоам за богови.
9 Нели вие ги изгонивте свештениците Господови, синовите Аронови, и левитите, и си поставивте свештеници, какви што има кај народите во другите земји? Секој, што доаѓа за свое посветување со теле и седум овни, тој станува кај вас свештеник на лажни богови.
10 А кај нас — Господ е наш Бог; ние не сме Го оставиле; на Господ Му служат како свештеници синовите Аронови, и левитите се на својата служба.
11 Тие Му жртвуваат на Господ сепаленици, секое утро и секоја вечер, и миризливо кадиво, ги поставуваат лебовите на трпеза од чисто злато и ги палат кандилцата на златниот светилник за да горат секоја вечер, зашто ние ја пазиме наредбата на Господ, нашиот Бог, а вие сте Го оставиле.
12 И, ете, нам на чело ни е Бог и Неговите свештеници и громогласните труби, за да грмат против вас. Синови Израелови, не војувајте против Господ, Бог на вашите предци, зашто нема да успеете!
13 Во тоа време Јеровоам направи заседа зад нивниот тил, така што самиот тој беше пред Јудејците, а заседата — зад нив.
14 И кога се обѕрнаа Јудејците, — туку гледај борба и отспреди и одзади; и повикаа кон Господ, а свештениците затрубија со труби.
15 И почнаа да викаат Јудејците. И кога Јудејците повторно извикаа, Бог го порази Јеровоам и сите Израелци пред Авија и Јуда.
16 И синовите Израелови почнаа да бегаат пред Јудејците; и Бог ги предаде во рацете нивни.
17 Авија и народот негов страшно ги поразија; и паднаа од Израелците петстотини илјади одбрани јунаци.
18 Така синовите израелски беа понизени, а синовите Јудини станаа силни, зашто се надеваа на Господ, Бог на нивните предци.
19 Авија, пак, го гонеше Јеровоама и му ги одзеде градовите: Ветил и нему потчинетите села, Јешан со селата негови и Ефрон со потчинетите му села.
20 И Јеровоам веќе не се совзеде во дните на Авија. Господ го порази и тој умре.
21 Авија, пак, се засили; си зеде четиринаесет жени и роди дваесет и два сина и шеснаесет ќерки.
22 Другите дела на Авија, делата негови и зборовите негови се опишани во записите на пророкот Идо.
23 И почина Авија кај своите предци и го погребаа во Давидовиот град. На негово место се зацари синот негов Аса. Во неговите дни земјата беше спокојна десет години.